Со „Илијада“ од Хомер спуштена завесата на „Охридско лето“

399

Со театарска претстава „Илијада“ од Хомер во копродукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана , Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, можеби еден од најголемите проекти на фестивалот „Охридско лето“, синоќа се спушти завесата на најголемата музичко-сценска манифестација во државава.

Публиката задоволна од врвната актерска игра во приказната колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столици, ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“ на микрофони. Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое беше препознатливо за целата публика.

Самата актерска игра се одвиваше пред сцената на Античкиот театар со што гледалиштето беше поставено, централно, во правоаголна форма. Странично беа поставени конструкции со рефлектори со што беше невозможно да се следи од краевите на Антички. Но сето тоа публиката го знаеше затоа што навремено го најавивме, велат од дирекцијата.

-Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено. Доколку поставевме публика на страничните места на Антички ќе беше невозможно да се следи претставата и токму поради тоа се ограничивме само на предниот дел, а протоколот го сместивме на самиот партер. Од следната година за вакви специфични претстави ќе направиме платна со кои ќе ги покриваме местата од каде што не може да се гледа претстава, со цел за да не се добие впечаток дека не можеме да го наполниме Античкиот театар. Но она што е сепак битно, е тоа дека го имавме најголемиот театарски проект на „Охридско лето“ и на Античкиот театар, велат од Охридско лето.

Свеченото затворање на фестивалот го проследија министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми, заменик-министерот Владимир Лазовски, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, видни личности од театарскиот свет, пратеници, советници, како и луѓе од бизнис-секторот, помагатели и пријатели на „Охридско лето“.
Успешното 58-мо фестивалско издание беше заокружено со свечен коктел во елитниот хотел „UNIQUE“ .