СНЕГОТ НЕМА ДА НЀ ИЗНЕНАДИ НИТУ ОВАА ЗИМА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

124

Со 4.000 тони индустриска сол и дополнителни 18 камиони од приватна фирма зимава ќе се чисти снегот од градските улици. Како што информираат од Град Скопје околу 1.000 тони се залиха од мината зима, а покрај камионите на ЈП „Улици и патишта“ дополнителната механизација е обезбедена од фирмата „Аполо“, која лани го доби тендерот за зимско одржување на улиците во период од две години.

„Градот Скопје и годинава, како и изминатите три години е подготвен за претстојната зима и зимското одржување на улиците за коишто е надлежен. Снегот и оваа година нема да ја изненади зимската служба“ рече денеска градоначалникот Петре Шилегов при посетата на пунктот во кругот на фабриката „Железара“.

Покрај во „Железара“ зимската служба има уште два пункта и тоа на улица Христо Татарчев во Кисела Вода и во Ѓорче Петров на улица Лепенец. Во пунктовите се организирани 24 часовни дежурства, а ресурсите ќе се употребуваат согласно со временските услови.

Во текот на зимската служба коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти. Преостанатите јавни претпријатија, како и Општините во градот, се задолжени во рамките на програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни потпрограми за расчистување на јавните површини во зимски услови.

Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата навреме да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавната чистота, ќе изрекуваат казни.