Шведска целосно преминува на шестчасовен работен ден во обид да ја зголеми продуктивноста и да ги направи луѓето посреќни така што повеќе време ќе посветат на семејството и приватниот живот.
Целта на оваа промена е поголем дел од работата да биде завршен во пократок рок, што ќе им овозможи на луѓето да имаат доволно енергија како би уживале во приватниот живот. Центрите на јапонскиот произведувач на автомобили Тојота во Гетеборг, вториот најголем град во Шведска, ја направиле оваа промена уште пред 13 години, поради што работниците се посреќни и зголемен е профитот во тој период. И компанијата “Филимундус#, која развива апликации за мобилни уреди, воведе шестчасовен работен ден минатата година.
“Осумчасовниот работен ден не е ефикасен како што некои мислат. Да останете фокусирани на специфична задача во текот на осум часа е голем предизвик#, рекол директорот на Филимундус, Линус Фелд, додавајќи дека на работниците не им е дозволено користење социјални мрежи и состаноците се сведени на минимум.
Шестчасовниот работен ден, според него, ќе обезбеди луѓето да имаат доволно енергија кога ќе го напуштат работното место, што е тешко изводливо со осумчасовен работен ден во кој работниците се исцрпени до таа мера што првиатниот живот голем број вработени го користат за одмор.
Се очекува до крајот на 2018 година владата на Шведска да донесе закон со кој тоа ќе биде законски регулирано. Секако, сатницата со самото тоа ќе биде зголемена за месечната плата да се изедначи со онаа кога се работело 8 часа.
Според порталот Сциенце Алерт, лекарите и медицинските сестри во некои болници во Шведска исто така преминале на шестчасовен работен ден, додека еден старски дом во Гетеборг на почетокот на годинава ја направил таа измена.
Пред извесно време граѓани креираа онлајн петиција за воведување работно време од 7:00 до 15:00 часот. Петицијата беше адресирана до Владата на Република Македонија и до релевантните министерства и институции и во неа граѓаните аргументираат зошто е подобро повторно да се врати старото работно време.
„Потребно е воведување на работно време од 7:00 до 15:00 часот затоа што тоа значи поголема посветеност на работата бидејќи човековото тело и човековиот ум се поефикасни во утринските часови. Исто така, тоа значи поголема заштеда на електричната енергија (во лето за ладење, а во зима за греење), но и поголема посветеност на семејството, а посебно со цел поголема улога и одговорност во правилното воспитување на сопствените деца. Со воведување на работно време од 7:00 до 15:00 часот ќе има повеќе време за факултативни активности и хобија што ќе овозможат подобрување на општата здравствена состојба на вработените, како и паметно организирано време во текот на денот“, нагласуваат граѓаните во петицијата.