Австралискиот филм “Mad Max: Fury Road” кој е снимен во 2015 година се најде на листите на најдобрите акциони филмови во историјата, но малкумина знаат дека во текот на снимањето владеела тензична атмосфера помеѓу главните актери.
Имено, јужноафриканската актерка Шарлиз Терон и британскиот актер Том Харди никако не можеле да пронајдат заеднички јазик на сетот.
Интересно е тоа што најпрвин за улогата на Фуриоса се борела Ума Турман, а за Макс – Џереми Ренер. Но, потоа сè се променило и Шарлиз и Том ги добиле улогите.
Неодамна убавата актерка се осврнала на тој период и признала дека таа била виновникот за таквиот однос.

“Кога ќе погледнам наназад, немав премногу емпатија за да сфатам дека всушност не му е лесно на Том да се стави на местото на Мел Гибсон. Тоа е всушност многу застрашувачки, а верувам дека поради моите лични стравови изградивме ѕидови за да се заштитиме, наместо да си пријдеме еден на друг и да си кажеме:
‘Ова е страшно за тебе, но и за мене. Ајде да се обидеме да се почитуваме еден со друг’. На некој начин се однесувавме како нашите ликови – сè се сведуваше на преживување”, признала Терон.
Како што рекла, тој страв и ја придвижувал целата продукција, а ако на тоа се додадат и личните фрустрации, напнатоста е нормална.

“Бев преплашена, живеев во неверојатен страв бидејќи никогаш претходно не сум снимала нешто слично на тоа. Мислам дека најтешката работа помеѓу режисерот Џорџ Милер и мене беше тоа што тој во главата имаше сложен филм, а јас со сите сили се обидував да го сфатам”, додала Шарлиз.
Своето видување на сè што се случувало на сетот за “The Times” го дал и Том Харди, сложувајќи се со колешката.

“Притисокот за двајцата беше пресилен во поединечни моменти. Она што ѝ беше потребно е партнер со многу повеќе искуство од мене. Сакам да мислам дека сè би било поинаку доколку бев каков што сум денес – постар и погрд”, изјавил Харди.