Сепак постоел: Скелет на редок и антички вид кит откриен во близина на брегот на Тајланд

456

кспертите се надеваат дека откритието може да биде „прозорец кон минатото“, особено за истражување на нивото на морето и биодиверзитетот

Во Тајланд е откриен речиси совршено зачуван скелет на кит од 12 метри, за кој се проценува дека е стар меѓу 3.000 и 5.000 години.

Коските беа пронајдени на почетокот на ноември на околу 12 километри од брегот западно од Бангкок.

Експертите се надеваат дека ова откритие може да биде „прозорец кон минатото“, особено за истражување на нивото на морето и биодиверзитетот.

Делумно фосилизираните коски се „ретко откритие“, изјави за Би-Би-Си истражувачот за цицачи Маркус Чуа од Националниот универзитет во Сингапур.

„Постојат неколку делумни фосили на китови во Азија“, рече тој, а уште помалку се „во толку добра состојба“.

На фотографиите споделени од тајландскиот министер за животна средина Варавут Силпа-арка се гледаат коски кои се очигледно скоро недопрени.

Според овој министер, досега се ископани повеќе од 80 проценти од скелетот – ‘рбетот, ребрата, перките и едното рамо.

Се проценува дека само главата е долга три метри.

Биологот Чуа вели дека ова откритие ќе им овозможи на истражувачите да научат повеќе за видовите во минатото, како и дали има некои разлики во споредба со денешните китови.

Скелетот исто така ќе обезбеди информации за „палеобиолошките и геолошките услови во тоа време, вклучително и проценка на нивото на морето, типовите на седименти и биолошките заедници во тоа време“.

„Значи, ова откритие ќе отвори прозорец кон минатото веднаш штом ќе се датира скелетот“, вели Чуа.

Коските допрва треба да се датираат со јаглерод за да се утврди нивната точна старост, а резултатите се очекуваат во декември.

Тајландскиот Залив има интересна историја во последните 10.000 години, посочува биологот, со нивоа на море што биле веројатно и до четири метри повисоки од денешните и тектонска активност.

Скелетот е пронајден во близина на денешниот брег во Самут Сакон.