Ригас: Со Договорот од Преспа постојат предуслови да излеземе од ќор-сокакот од претходните години

108

Со Договорот од Преспа постојат предуслови да излеземе од ќор-сокакот во корист на Балканот и на двете земји, вели алтернативниот министер за одбрана на Грција, Панајотис Ригас во интервју за грчкиот весник „Документо“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Станува збор за долгогодишен проблем што во никој случај не го создадовме ние. Претходните влади инвестираа во екстремен национализам, а не во патриотизам,  одведувајќи ја ситуацијата до ќор-сокак. Но, денес, постојат предуслови за да излеземе од овој ќор-сокак во корист на Балканот, на Грција и на ПЈРМ. Во овие рамки, како земјите од Европа, така и САД, сакаат да се реши конкретното прашање бидејќи сфаќаат дека на Балканот не му се потребни нови проблеми, вели Ригас и истакнува дека основните работи што треба да ја засегаат Грција се поврзани со Турција.

Алтернативниот министер за одбрана на Грција, во интервјуто говори и за стратешкиот дијалог на високо ниво меѓу САД и Грција, што следниот месец ќе се одржи во Вашингтон, а се однесува на проширување на односите меѓу двете земји во сите области.

Ригас открива дека дел од овој стратешки дијалог се и „економските и енергетските прашања со главен критериум, развој на Балканот“.

– Со политиката на владата, нашата земја ја зацврсти нејзината позиција како столб на стабилност во регионот, и веќе е во фокусот на интерес за повеќе соработки. САД, традиционално го имаа погледот насочен кон нашата земја, но ова беше на едно – димензионален начин, особено во однос на воениот дел. Но, сега условите се созреани за да се бараат соработки во една проширена економско – политичка област што ја вклучува и воената соработка во рамките на евро- атлантската алијанса. Ова е содржината на стратешкиот дијалог Грција – САД што се систематизира, а одлучувачка улога одигра последниот Меѓународен саем во Солун, каде што САД беше почесна земја, објаснува алтернативниот министер за одбрана на Грција, во интервјуто за „Документо“.

loading...