Најмалку седум лица загинаа на Алпите поради огромната количина на снег која што наврна во текот на минатиот викенд во Австрија.
Поради големото снежно невреме, илјадници скијачи во Австрија, но и Германија и Италија се соочени со голема опасност од лавини, пренесува британски „БиБиСи“.
Две лавини во неделата усмртија двајца германски скијачи во Австрија, на планините во Ворарлберг. Уште еден скијач загинал на скијачки центар во близина на градот Салцбург.
Во Баварија загинал скијач откако се срушило дрво врз него, а лавина на планината Тајзенберг усмрти млада жена. Двајца алпинисти загинаа на италијанските Алпи северно од Торино, а спасувачките екипи и натаму се во потрага по неколку исчезнати лица во другите делови од Алпите.
Huge amount of #snows in northern alps ⚠️
تساقط كمية هائلة من الثلوج في جبال الالب #النمسا ?@worlds_weather pic.twitter.com/TWeCqALyUa— #طقس_العالم (@worlds_weather) January 7, 2019
Втор највисок степен на опасност од лавини е на сила во австриската сојузна држава Тирол, како и во поголемиот дел од баварските Алпи. Скијачите се предупредуваат да ги избегнуваат неозначените патеки долж скијалиштата, а бројни планински патишта се затворени поради опасност од лавини.
Бројни училишта во Баварија се привремено затворени поради големи врнежи на снег, а исто така откажани се и неколку железнички линии. Но, тука очигледно не е крајот, затоа што метеоролозите за следните неколку дена најавуваат уште поголеми врнежи на снег – само во Австрија се очекува уште 120 сантиметри нов снег до четврток.