Европската мрежа за напојување со струја била блиску до колапс поради што повеќе милиони домаќинства во текот на зимата можеле да останат без струја, тврди виенскиот дневник “Standard”.
Фреквенцијата на мрежите, која била измерена во четвртокот во околу 21:00 часот, паднала на 49,8 херци, што за експертите е одлучувачка граница кога треба да применат заштитни механизми.
Последен пат толку ниска фреквенција била измерена пред 12 години во Франција, кога од мрежата превентивно морале да бидат исклучени 10 милиони домаќинства. Овој пат преземените мерки дале резултат, па не дошло до прекин на напојувањето со струја.
Експертите истакнуваат дека Европа “била на чекор до катастрофа”, а мајорот на австриската војска, експерт на ова поле, Херберт Сауруг, укажува дека за тоа биле виновни разни околности. Тој објаснил дека некои електрани понекогаш се исклучени од мрежата, додека други пребавно се приклучуваат, а резултат на тоа е преслабо снабдување.
Ако, како што било случај минатата недела, на тоа се приклучи и испадот на електраните во Шпанија од мрежата, тогаш се приближува крах на мрежата за напојување, до кој доаѓа кога фреквенцијата достигнува ниво од 48 херци.
Со оглед на тоа дека електричната енергија не може да се складира во соодветни количини, неопходно е да се обезбеди надомест, како при најголема потрошувачка, така и кога потрошувачката е прениска.
Во Европа низ мрежата тече наизменична струја со фреквенција од 50 херци и таа фреквенција мора стриктно да биде одржана.
Ако дојде оптоварување, како низ огромна потрошувачка или испад на големите електрани од мрежата, генераторите работат побавно и фреквенцијата опаѓа.
На тоа е неопходно да се реагира брзо, бидејќи во спротивно мрежата се заканува да доживее крах.
Според Сауруг, иако изгледа дека постои голем простор за делување кога фреквенцијата е меѓу 49,8 и 48 херци, се случува многу брзо, не линеарно, туку експоненцијално.
За само неколку секунди се заканува крах на мрежата, рекол тој, додавајќи дека е важно да се преземат мерки.