Продолжува акцијата во Охрид: Се рушат платформите на „Ликвид“ и „Момир“

328

Денес продолжи акцијата за рушење на дивоградбите во општина Охрид, а овојпат се пресели на самото крајбрежје каде што се рушат платформите на популарните угостителски објекти.

Утринава работници започнаа да ги уриваат платформите кои што се противправно поставени во водите на самото Охридско езеро. Станува збор за познатите угостителски објекти „Ликвид“ и „Момир“ кои се во непосредна близина на „Аквариус“ чиј што сопственик одлучи самиот да ја отстрани платформата пред неколку дена.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски побара и останатите да го следат примерот на сопственикот на „Аквариус“, меѓутоа не само што не се случи тоа, туку дури и имаше обид за организација на протест за поддржување на дивоградбите.

Советникот на ДУИ, Нефи Усеини ги повика граѓаните да излезат на протест откако започна акцијата за уривање на дивоградбите со првото рушење на дивоградба на улицата „Марко Нестороски“. Утредента градбата дури и беше блокирана со камион за да се спречи рушењето.

Последен пат во најголемиот туристички центар во Македонија се рушеле дивоградби пред 15-тина години, а оттогаш до денс во Охрид се идентификувани над 1000 дивоградби, од кои во заштитеното подрачје се наоѓаат 409.

Акцијата на Општина Охрид за „чистење“ на градот од објектите изградени без дозвола доаѓа после големите критики на УНЕСКО и опасноста градот да го загуби статусот во познатата организација.