Поволна група кошаркарите во квалификациите за СП 2023

41

Македонските кошаркари имаа среќа на денешната ждрепка за главната фаза од квалификациите за СП 2023, откако нашата селекција се најде во групата Г заедно со селекциите на Шпанија, Украина и Грузија.

Во ситуација кога имаше неколку тешки групи, нашата национална селекција се најде во друштво на два ривали со кои реално може да игра. Воедно, и Шпанците нема да делуваат толку застрашувачки ако се знае дека во овие квалификации досега не играа НБА-ѕвездите, но и играчите кои настапуваат за клубови од Евролигата.

Ова ќе значи дека и Грузија ќе биде без својот најдобар играч, Шенгелија, но останува да се види во каков состав ќе биде македонската репрезентација, која беше крајно десеткувана во претквалификациите за СП 2023.

Според пропозициите на ФИБА, пласман во следната квалификациска рунда обезбедуваат трите најдобри селекции во секоја група. Резултатите од првата фаза ќе се пренесуваат во главната рунда квалификации, а потоа од овие новоформирани групи од по шест селекции, трите најдобри од секоја група ќе стигнат до билет за СП 2023.