Политичарка по грешка ги објави цените на вакцините против ковид-19

122

Со денови Европската комисија одбиваше да даде информација за цените на вакцините против ковид-19 кои ги нарачува во име на земјите членки.

Иако многу граѓански здруженија и парламентарци бараа транспарентност, бидејќи вакцините се плаќаат со пари на даночните обврзници, Комисијата одбиваше да ги објави цените, велејќи дека тоа е „тајна“, бидејќи станува збор за комерцијални договори, пренесува „Политико“.

Сепак, државната секретарка за буџет на Белгија, Ева де Бликер, по грешка го објави ценовникот на Твитер.

Ова веднаш беше објавено од најтиражниот белгиски весник „Хет ласт ниус“ (ХЛН).

Иако твитот беше набрзо избришан, ХЛН направи „принтскрин“ на кој се прикажани цените.

Така, цените за вакцините договорени од Европската комисија се движат од 1,78 евро до 18 евра по доза.

Првата вакцина од „Фајзер/Бионтек“, која веќе започна од производство, ЕУ ќе ја плаќа по цена од 12 евра по доза. Бидејќи се потребни две дози по лице, вакцина за еден граѓанин ќе чини 24 евра.

Најевтината вакцина е произведена од Универзитетот Оксфорд и „Астра Зенека“. Таа ќе чини само 1,78 евро по доза.

Ценовник:

Оксфорд / Астра Зенека: 1,78 €

Џонсон и Џонсон: 8,50 $

Санофи/ГСК: 7,56 €

Фајзер/Бионтек: 12 €

Кјур вак: 10 €

Модерна: 18 $

Во меѓувреме, белгискиот државен секретар рече дека објавата е „грешка на тимот за комуникации“, но дека тоа нема да го загрози снабдувањето со вакцини во Белгија.

Како што пишува ХЛН, од Европската комисија изјавиле: „Нема да го коментираме она што се случи во Белгија, но информацијата за цените на вакцините е доверлива“.