Почнува летната сезона? Грција планира да ги укине рестрикциите воведени поради пандемијата

133

Грција планира да ги укине рестрикциите воведени поради пандемијата на коронавирусот во малопродажниот сектор и да ги отвори училиштата пред крајот на март, а да започне со отворање на туристичкиот сектор веќе во мај.

„Одлуката зависи од епидемиолошките податоци“, изјави портпаролката на грчката Влада, Аристотелија Пелони на денешната прес-конференција.

Според нејзините зборови, како што ќе напредува вакцинацијата на населението, владата планира во април да овозможи служење на оброци во рестораните на отворено и повторно да го стартува туризмот кој чини една петина од грчкото економско производство и го вработува секој петти жител.

Отворањето на туристичката сезона се чини дека ќе биде пресудна за нашите јужни соседи кои полека излегуваат од децениската должничка криза, но доживеаа силен економски пад со воведувањето на рестрикциите поради пандемијата на коронавирусот.

Грција која има 6,758 смртни случаи како последица на коронавирусот, неодамна го прошири „заклучувањето“ во поширокиот регион на Атина до 16-ти март поради повторното зголемување на бројот на заразени.

„Пред нас се уште тешки денови. Но, го трчаме последниот километар во оваа маратонска трка“, порача Пелони.