Почина 56-годишната жена од Неготино која пред неколку дена беше претепана од нејзиниот партнер.
Таа беше примена на КАРИЛ во Скопје со тешки повреди на мозокот, а по извшрената неопходна операција беше во критична состојба и на респиратор. Починала во текот на вчерашниот ден откако и се влошила состобата. Информацијата за Канал 5 ја потврдија од Скопското обвинителство каде вчера го добиле известувањето.
Насилството се случило ноќта помеѓу 1 и 2 август, а полицијата тогаш го приведе човекот со кој жената живеела и и е невенчан сопруг.
Обвинителството отвори истрага за случајот. Оттаму образложија дека тој повеќе пати ја удирал со боксови во главата, а потоа ја турнал кон туш-кабината во бањата. Таа паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. На барање на обвинителството, судот во Кавадрци му определи притвор од 30 дена поради опасност од бегство.
За 51 годишниот жител на Неготино се водеше истрага за сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од Кривичниот законик, но сега велат дека поради настапувањето на смртните последици ќе се оди на преквалификација на делото.
Последен случај кој предизвика силни реакции во јавноста, а е поврзан со семејно насилство е оној на велешанката Пале Илоска откако во самоодбрана го усмти сопругот кој со години ја малтретирал. Судот ја ослободи од вина, но невладините кои се занимаваат со оваа проблематика повторно го покренаа прашањето колку државата им помага на жртвите кои без институционална помош, заштита и сместување остануваат во своите домови, и секојдневно трпат насилство.