По 20 километри од Кичево – Охрид ќе се вози од следната година, а пругата за Бугарија ќе чека изведувач

87

Со интензивна работа на автопатот Кичево – Охрид следната година можат да бидат пуштени во сообраќај првите дваесетина километри, најавува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

-На автопатот  Кичево – Охрид се завршени сите репроектирања на делницата. Сите клучки се испроектирани, косините, со ревизија на тој проект веќе имаме голем замав. Во вториот дел од годината имаме шест пати поголем прогрес на работите заради тоа што навистина таму се случуваат обемни градежни зафати и досега имаме околу 350 милиони евра инвестиции на овој автопат од 600 милиони евра кои се предвидени. Така што, можам да кажам дека ќе имаме силна динамика и во наредната година, истакна тој.

Инаку, според најавите на неговиот претходник Горан Сугарески првата делница од автопатот од Врбјани до Охрид требаше да биде пуштена во употреба во јуни годинава, но тоа не се случи.

Бочварски вели дека во соработка со ЈП за државни патишта Министерството интензивно ќе работи на изградба и рехабилитација на патната мрежа. Ќе продолжи изградбата на Скопје-Блаце, експресните патишта од Штип до Радовиш, од Крупиште до Кочани, од Градско до Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка, а ќе се направи и проектна документација за автопатите Прилеп-Битола и Тетово-Гостивар на постојната траса.

Бочварски очекува во првиот квартал следната година да биде избран изведувач за првите две делници од пругата за Бугарија, за што со буџетот на Министерството за 2021 година се проектирани 1,8 милијарди денари. Изведбата на сите три фази врз основа на изработените физибилити студии, проектната документација и основниот проект ќе чини околу 600 милиони евра. За првата од Куманово до Бељасковце и за втората од Бељаковце-Крива Паланка, која е делумно реализирана изведувач ќе се бара преку еден тендер што треба да се објави следната година.

-За првите две фази  сакаме да распишеме еден тендер и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач којшто ќе може да се зафати и да ги работи овие работи. Се работи за комплексна пруга. Само на втората и третата делница треба да бидат изградени 91 мост и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунелот. Се работи за сериозен проект од околу 600 милиони евра коишто треба да бидат наш приоритет и во наредниот период, пред сè, и за развојот на добрососедските односи и за развој на инфраструктурата, вели   Бочварски и додава дека дел од средствата се грантови, а дел кредити.

Од  Буџетот за 2021 година Министерството за транспорт и врски добива 5,306 милијарди евра, од кои четири милијарди се наменети за капитални проекти.

-Планираме да обезбедиме високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура како и станбената изградба. И покрај ковид-кризата, развојната компонента ни дава очекување дека следната година ќе имаме заздравување на економијата и позитивни стапки на раст, рече Бочварски.

Тој најави и дека во 2021 година ќе заврши изградбата на двата магистрални гасовода, од Неготино преку Прилеп до Битола и од Скопје – Тетово до Гостивар, за што се наменети 750 милиони денари.