Во градот Рошфор на југоистокот од Франција, вчера започнало необично судење на петелот Морис кој кукурикал премногу гласно и многу рано и поради тоа ги вознемирувал соседите кои поднеле тужба против сопственикот, пренесува “France Info”.
На суд се појавила сопственичката на Морис, Корин Фесо, која пред новинарите во судницата рекла дека, доколку Морис би знаел да зборува, би рекол:
“Оставете ме на мира и пуштете ме да пејам”.

Морис не се појавил лично на судењето, но добил поддршка од другите петли бидејќи многу сопственици на живина дошле пред судот со своите петли во знак на поддршка. Најгласната поддршка на Морис му ја пружиле петлите Атила, Казанова и Жан-Рене, навеле нивните сопственици.


Судот по краткото рочиште соопштил дека конечната одлука ќе ја донесе на 5-ти септември, а дотогаш е можно помирување помеѓу соседите и обвинетиот петел.
Соседите, брачен пар пензионери, одлучиле да поднесат тужба бидејќи, како што велат, неколку пати ја предупредиле Корин Фесо да пронајде начин како да го замолчи петелот.

Морис, раскошен петел со црвеникави и црни перја, чии фотографии се појавија во локалните медиуми, го товарат за звучно вознемирување бидејќи петелот околу 6 часот наутро веќе започнувал да кукурика.
Петелот е инаку национален симбол на Франција.