Панчев: Ќе се пееше друга песна, доколку ние во Македонија имавме еден Александар Вучиќ

318

Падот на Вардар во втората лига, освен во Македонија беше проследен со неверица и во сите балкански земји. „Црвено-црните“ не успеаја да се опорават по заминувањето на Самсоненко и со млад тим веќе се сигурен второлигаш за следната сезона.

Српскиот медиум „Mozzartsport“, ја разработи тематиката како Вардар од настап во Лигата на Европа падна толку ниско, а за нив коментар даде и легендата Дарко Панчев кој беше дел од управата на скопскиот тим.

„Кога се пласиравме во Лигата на Европа, јасно им кажав на сите во клубот дека немаме тим кој може да биде конкурентен. Сосиедад ни даде шест, Зенит пет голови, а успеавме да ремизираме само со Розенборг во Скопје. Добивме пет милиони од УЕФА, а со тие пари можевме да го проектираме буџетот за наредните три сезони. Тоа е огромна сума кога се работи за мак-фудбалот“, започна Панчев.

Меѓу другото, поранешната златна копачка на Европа зборуваше и за потенцијалните трансфери кои ги сакал за Вардар, но дел од нив биле одбиени.

„Сакав да направам сериозен тим на балканските простори. Успеав да го договорам најдобриот стрелец на турската втора лига во тој момент, близу беше и еден Израелец, меѓутоа сè тоа беше одбиено. Разговарав да го доведам Милан Павков на позајмица, но тоа не ми успеа. Јас знам колку енергија вложив, а тие го искористија моето и името на Илија Најдоски. Не им беше желба да направат добар тим, а потоа сервираа приказна дека јас сум виновен до навивачите. Кога видов што се случува, си поднесов оставка“, заврши поранешниот напаѓач.

„Mozzartsport“ покрај Панчев, доби кратко мислење и од Илија Најдоски кој беше споменат во разговорот. Легендата на Македонија призна дека не можел да го одбие повикот од Панчев и Вардар, а прокоментира и за големиот приход од успехот.

„Кога Дарко Панчев ме повика во Вардар да помогнам во спортскиот сектор, знаев дека нема да излезе добро. Сепак, не можев да го одбијам. Ние на крајот служевме како покритие, за сопственикот да не биде виновен. Преку Лигата на Европа во клубот влегоа многу пари, но ним им беше помил ракометот“, јасно заклучи Најдоски.

Панчев и Најдоски неславно ги завршија своите мандати во Вардар, а клубот ги живее можеби најтешките денови во историјата. Покрај тоа што ќе игра втора лига, Вардар е и во долгови кои не ги подмири Сергеј Самсоненко, а Град Скопје нема намера да подмирува туѓи сметки.