Палевски ја помина ноќта во Шутка

441

Љупчо Палевски Палчо ја помина првата вечер во притвор во Шутка. Под посебни протоколи, сам во ќелија и во ходник, со засилено обезбедување од затворските чувари и без контакт со други притвореници.

Од затворот за Сител велат дека Палчо не зборувал многу, не понел многу работи со себе, освен некои документи и мемоари кои ги пишувал за време на пет месечниот притвор во Турција, не одбивал храна и се однесувал нормално.

Денеска ќе биде однесен на лекарски преглед, иако не се пожалил на никакви проблеми.

Од затворот Скопје велат дека денеска треба да стигне известувањето до Кривичниот суд дека првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е екстрадиран кај нив.

Од Кривичниот суд засега не откриваат кога Палчо ќе биде викнат на сослушување.

Откако ќе добие известување судија на претходна постапка во координација со јавен обвинител ќе го сослуша осомничениот во присуство на негов адвокат, во однос на околностите на прелогот за определување на притвор.

По екстрадицијата на Палевски, од ОЈО велат дека продолжуваат да преземаат истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор која веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста.

Од партијата на Палчо, Десна бараат ВИП безбедносен третман за него дури е во притвор и биохемиска анализа на оброците.

Палчо треба да биде на безбедно, изолиран од ризици по живот, убиство, труење со храна, пијалоци, нарушување на здравјето, физичко малтретирање и изнудување на признанија, да има лекар што ќе го следи неговото здравје, биохемиска анализа на секој оброк и пијалок што ќе го конзумира, и радиолошка проверка на облеката и обувките што ќе ги носи. Анализа на крвта и урината еднаш неделно.

Палчо вчера вечер беше екстрадиран на македонско тло по 5 месеци притвор во Турција, откако на 6 декември беше уапсен во турскиот град Балиексир. Со комерцијален лет на Туркиш аирлинес слета на скопскиот аеродром, а со четири цивилни возила беше спроведен до затворот Скопје.

Таму ќе издржува 30 дневен притвор кој му беше определен во отсуство.