Ова не е нормално: Искасапил коњ, го фрлил во канализација и ја заглавил пречистителната станица во Струмица

126

Остатоци од искасапен коњ деновиве биле фрлени во струмичката фекална канализација, а тоа ја запре работата на тамошната пречистителна станица.

Како што соопштија од ЈПКД „Комуналец“ од Струмица, деловите од искасапеното животно биле фрлени во шахта од канализациската мрежа и предизвикале застој на работата на станицата за прочистување на отпадните води.

„Во Пречистителната станица за отпадни води се случи несекојдневна ситуација која ни предизвика огромни проблеми, материјални трошоци и краток застој во работата. Некој намерно и неодговорно го отворил капакот на канализациската шахта, го искасапил животното и остатоците ги фрлил во канализацискиот систем. Дефектот се санира, а Пречистителната станица за отпадни води покрај сите проблеми нормално ја извршува својата функција“, соопштија од ЈПКД „Комуналец“ – Струмица.

Од таму соопштија дека случајот веднаш бил пријавен кај комуналниот инспектор во општината и апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно.

Инаку, проектот за изградба на новата Пречистителната станица во Струмица чинеше дури 6,5 милиони евра, а беше овозможен благодарение на средствата од Европската унија.