Одржан експериментален концерт во Барселона со 5.000 лица со негативен ПЦР тест

680

Во Барселона синоќа, првпат од почетокот на пандемијата, се одржа концерт пред публика од 5.000 луѓе, на кој истовремено беше тестирано спроведувањето на заштитните мерки против епидемијата на коронавирус.

Концертот на алтернативниот бенд Love of Lesbians се одржа во салата Палау де Сант Ѓорди, која вообичаено прима до 24 000 гледачи.

Настанот беше организиран за да се тестира дали ваквите концерти, со строги хигиенски мерки, можат да бидат безбедни и покрај пандемијата на коронавирус.

„Добредојдовте на еден од најтрогателните концерти во нашите животи“, ја поздрави публиката Санти Балмес, пејачот на групата.

– Беше одлично, всушност подобро отколку пред короната, бидејќи сите беа неверојатно среќни и возбудени што конечно присуствуваат на концерт. Многумина танцуваа и пееја користејќи заштитни маски, изјави за германската агенција ДПА Рубен Касадо. – Се надевам дека наскоро ќе има слични настани, рече 48-годишникот.

Строги мерки се спроведуваа пред и за време на концертот, одржан под надзор на лекарите.

Во пресрет на концертот, публиката мораше да се тестира за коронавирус во еден од трите специјализирани центри. Само шест од 5000 тестови покажале позитивни резултати, според весникот Ла Вангуардиа.