Владата на Чешка одлучи на своите граѓани да им ја укине забраната за патување во други земји, па сега сите ќе можат да патуваат во странство, безразлика дали патувањето е поврзано со нивната работа или не.
Ова доаѓа после одличните резултати кои земјата ги постигна во борбата против пандемијата на коронавирусот.
„Може да се патува во странство дури и на годишен одмор. Но, кога граѓаните ќе се вратат ќе мора да одат во двонеделен карантин, или да докажат дека се негативни на Ковид-19 со вршење на тест“, изјави министерот за здравство на Чешка, Адам Војтех.

Тоа значи дека сите државјани на Чешка ќе можат да ја напуштат земјата, но по враќањето ќе мора да се тестираат, или пак две седмици да бидат во карантин. Тестот со кој ќе докажат дека не се заразени не смее да биде постар од четири дена.
„На луѓето сакаме што е можно повеќе да им го олесниме враќањето во земјата. Веќе подолго време ја заговарам можноста за покажување на резултати од тестови со цел да се покаже дали некој е заразен и да се избегне одењето во карантин“, изјави министерот за внатрешни работи на земјата, Јан Хамачек.

„Тие кои секојдневно патуваат, ќе можат да ја поминат границата било кога ако на секои 14 дена покажат негативен тест“, додаде тој.
Да потсетиме, во Чешка вонредната состојба трае од 12-ти март. Тогаш владата на земјата забрани патување во најризичните земји, како и влез во земјата на патниците кои што доаѓаат од ризичните подрачја.