Обвинителството утврди дека Мицкоски не бил во теретана додека траеше забраната

607

Основното јавно обвинителство Скопје, по извршени детални проверки, донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување во случајот „Теретана“ кој беше отворен откако во јавноста беа објавени видеа на кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наводно посетува фитнес-центар додека беа затворени со одлука на Владата.

„Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредби за обезбедување на видео записите и за вештачење на ДВР-уредите на кои се сочувани видео записите од безбедносните камери во фитнес студиото. Во исто време, во својство на сведоци беа испитани повеќе лица. Предмет на анализа беше целокупниот материјал кој што беше обезбеден и доставен од страна на СВР Скопје, а беше одземен од деловниот субјект во критичниот период“, соопшти Обвинителството.

Притоа, на прибавените снимки не биле збележани ниту посочените, ниту други лица да ги користат услугите на фитнес – центарот спротивно на донесените забрани.

Од вештачењето на ДВР-уредите произлегло дека видео записите не биле манипулирани, односно беше потврден интегритетот на податоците на доставените уреди.

„Дополнително, надлежниот јавен обвинител ја прибави и документацијата од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кои спровеле постапка во однос на наводите за присуство на полициски службеници во фитнес центарот, спротивно на мерките за спречување на пандемијата. По проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност.“, соопшти скопското обвинителството.

Во април на Интернет беа објавени видеа на кои се гледа како Мицкоски оди во теретана и се тврдеше дека се направени за време додека траеше забраната за работа на теретаните. Тој тврдеше дека снимката е стара шест месеци.