Објавена снимка до девојката на Проташевич: Поради ова признание ѝ се закануваат 15 години затвор

897

Ден претходно се појавило и слично видео од нејзиното момче од притвор.

Младата Русинка, девојка на белорускиот новинар Роман Проташевич, кои биле уапсени откако авион на “Ryanair” принудно слетал во Минск, се појавила во снимка од признание од затвор.

Снимката била објавена на провладин канал на Телеграм во вторник и прикажува девојка како седи на столче, а за која се наведува дека е Софија Сапега, партнерка на опозицискиот активист Роман Проташевич.

Во снимката, за која постои сомнеж дека е направена под принуда, Сапега вели дека на Телеграм води канал со име “The Black Book of Belarus”, или “Црна книга на Белорусија”, во која се објавуваат приватни информации за полицијата – злосторство кое може да ја стави во затвор 15 години.

Нејзината снимка од признанието од затвор се појавила откако било објавено многу слично видео од Проташевич, во кое признава дека организирал масовни демонстрации во Белорусија минатата година. Соработниците и неговото семејство рекле дека неговото признание е изнудено, пренесува “Daily Mail”.

Како што може да се заклучи од снимките, изгледа дека Софија не е повредена, што не било случај и со нејзиното момче.

Имено, таткото на Роман, Дмитри Проташевич, рекол дека на снимката се гледа дека неговиот син има скршен нос и дека носи шминка за да се сокријат модринките на лицето.

Роман и Софија биле уапсени во недела откако што авион на “Ryanair” на лет од Грција до Литванија, каде што двајцата живеат, бил пренасочен на аеродромот во Минск по лажна дојава за бомба.

Двајцата биле уапсени по слетувањето, а овој инцидент предизвикал остра осуда од Западот.

ЕУ ѝ вовела санкции на Белорусија и ѝ забранила да користи европското небо.