Нови мерки поради коронавирусот: Натпреварот Македонија – Косово без публика!?

611

Полуфиналниот бараж-натпревар од Лигата на нациите за пласман на ЕП 2020 меѓу Македонија и Косово би можел да се игра без публика, откако Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека ќе предложи до Владата, препораката да не се одржуваат јавни собири и спортските натпревари да се одржуваат без публика да се продолжи за уште една недела, односно до 13. март.

Како што е познато, препораката за спортски натпревари без публика беше донесена до 6. март, но сега сосема извесно ќе се продолжи за уште една недела.

„Мерката се должи на фактот дека бројката на заразени со коронавирус се зголемува, и според последните податоци од Светската здравствена организација, во Европа стигна до 4.250, што е за илјада повеќе од вчера. Трансмисијата е локална, во нашиот регион има еден случај во Словенија, и два во Република Српска“ – истакна Филипче.

Доколку зголемувањето на бројката на заразени на европскиот континент продолжи и овој месец со ист интензитет, нема да биде изненадување и разгледување на опцијата натпреварот меѓу Македонија и Косово, кој треба да се игра на 26. март, да биде без публика.

Познато е дека и македонските репрезентативци, како и оние од Косово, кои настапуваат во Италија при доаѓањето во Македонија за натпреварот ќе мора да ги поминат сите неопходни здравствени контроли.

Фудбалската федерација на Македонија веќе ги пушти во продажба билетите за натпреварот меѓу Македонија и Косово. Интересот за истите е огромен, па веќе е сосема јасно дека на националната арена „Тодор Проевски“ се очекува присуство на околу 30.000 навивачи.