Јас искрено би сакал и искрено се надевам дека наскоро ќе ја посетам Македонија, изјави најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во најавата за најновата емисија „Еден на еден“.
Како што стои во најавата, ексклузивното интервју со Ѓоковиќ ќе можеме да го гледаме во недела во 18.30 часот на Канал 5.
Видеото погледнете го ОВДЕ.
Новак Ѓоковиќ инаку со пласманот во полуфиналето на турнирот во Дубаи си ја осигури првата позиција на АТП-листата најмалку до 23 март и тоа ќе му биде 282-ра недела на тенискиот трон. Но, од 23 март натаму почнува голема битка бидејќи и вториот Рафаел Надал ќе има шанса повторно да биде прв.
Србинот во моментов има 560 поени повеќе од Надал, а до почетокот на Олимписките игри од можните 9.000 поени, Ѓоковиќ треба да брани 4.635. Од друга страна, Надал ќе брани 4.980 поени, но ќе игра и еден турнир повеќе, па може да освои максимум 9.500 поени.
Може да се очекува Новак да го зголеми водството на американската турнеја бидејќи во Индијан Велс и Мајами брани само 135 поени, а Надал 360. И во Монте Карло, Ѓоковиќ брани помалку поени од Надал, а покритичен за него може да биде преминот од април во мај, кога во Барселона и Мадрид, актуелниот лидер брани многу повеќе поени. Рим и парискиот „Ролан Гарос“ не би требало да донесат големи промени, таму Надал брани дури 3.000 поени, но на Вимблдон, Ѓоковиќ ако не ја освои титулата, ќе загуби доста.
Како и да е, трката за тронот ќе биде по мерак на љубителите на тенисот.