Во 1996 година, во Англија се играше Европско фудбалско првенство. Домаќините дојдоа до полуфиналето, ја дочекаа Германија, спремни да им се одмаздат за тешкиот пораз на пенали шест години порано. Како шести топката ја зема Герет Саутгејт, зема залет, шутира и Андреас Кепке брани. Беше тоа втор пораз на Англија на пенали од вкупно шесте од 1990-та година а наваму, а Саутгејт беше тој кој беше трагичар.
Тој немил настан ја одбележа кариерата на Герет Саутгејт, но животот за среќа пишува необични приказни. Точно 20 години подоцна, тој истиот Саутгејт седна на клупата на англиската репрезентација, а две години подоцна својата репрезентација ја донесе до полуфиналето на Светското првенство.
Герет Саутгејт е роден во Вотфорд, а своите први фудбалски чекори ги направил во Кристал Палас. Веќе како 14 годишно момче оставал впечаток како скромно момче со префинет речник, под кого стои челичен човек кој знае што сака, заеднички опис е на оние кои во неговите 46 години го запознале.
Борец за тимот
Во своите играчки денови покажувал завидна работна етика, но сепак било далеку од сигурно дека ќе направи професионална кариера.
-Никогаш ништо не му беше подарувано. За се што имаше, работеше напорно да го добие, од првиот меч за Палас до Англија, кажа за него Алан Смит, првиот негов тренер во Кристал Палас.
-Уште како тинејџер беше капитен на резервниот тим, а бидејќи настапувал и за младинскиот тим неретко морал да настапи на два натпревари дневно.
Полека дошол и до првиот тим, а брзо станал „гласот на играчите“.
-Беше идеален фудбалер за работење. За можеше да расправа. Се бореше за правда и се противеше на она што мислеше дека е погрешно, но беше професионалец. Секогаш поддржуваше одење до паб после долгите патувања. Беше тоа добро за единството, иако играчите имаа тренинг следниот ден, додава неговиот прв тренер.
За малку ќе станел новинар
Неговите соиграчи понекогаш знаеле да се шегуваат со него дека има голем нос, но тој не им замерувал. Сепак, знаел да ги изгуби живците во соблекувалната, дури и да биде агресивен, иако тоа не го сакал, смета неговиот поранешен соиграч Дин Виндес. Секогаш обожавал да се натпреварува, а тоа е видливо и на клупата на Англија.
Неговата иднина во фудбалот не секогаш била извесна. Кога имал 16 години планирал да стане новинар, но целиот труд дошол на наплата кога како капитен ги водеше Кристал Палас, Астон Вила и Мидлсборо. За англиската репрезентација запиша 57 настапи, оној промашен пенал не го поколеба.
Фудбалот се враќа дома
Сега води една нова Англија:
-Ние сме тим кој ја претставува модерната Англија, со разноликост и младост и се надевам дека луѓето можат да се поистоветат со нас. Имаме шанса да се натпреваруваме на нешто што е поголемо од нас самите, вели Герет Саутгејт.
Многумина се сомневаа во неговата визија, го сметаа дека со млад тим многу ризикува, но тој овој пат покажа дека грешат. На крилата на Хери Кејнг, Англичаните го минаа Тунис, ја прегазија Панама, а против Колумбија поминаа на пенали. Покажаа се поквалитетни од Шведска и полни со самодоверба пред мечот со Хрватска.
Цела Англија вели дека со Герет Саутгејт фудбалот се враќа дома. Хрватска е пак сложна со нешто друго: Златко Далиќ во среда од 20 часот има малку поразлични планови- да ја прати дома Англија, односно во битката за третото место.