Необјаснив помор на птици во рускиот град познат по големата нуклеарна електрана: Сите птици угинаа и на почетокот на ТВ серијата „Чернобил“

72

Социјалните мрежи во Русија се преплавени со теории на заговор откако се појавија фотографии и видеа на кои може да се види голем број на угинати птици во градот Балаково на реката Волга.

Балаково, град сместен на 1000 километри југоисточно од Москва на реката Волга е најпознат по својата огромна нуклеарна електрана. Според објавата на страницата „Типично Балаково“ на руската социјална мрежа „Вконтакте“, жителите на градот снимиле видеа на кои можат да се види улица преполна со мртви птици.

Причината за поморот на птиците не е разјаснета, а засега кружат разни теории. Некои го обвинуваат силниот ветер и судир на две големи јата со птици, други споменуваат огномет, трети штетни емисии од нуклеарната електрана, а некои пак ја обвинуваат 5G мрежата која во градот воопшто ја нема.

Еден од коментарите кој собра најмногу лајкови повлече една интересна паралела – сите птици угинаа и на почетокот на ТВ серијата „Чернобил“, алудирајќи на нуклеарната електрана во Балаково и можното испуштање на радијација.