NBA колумна на Димитар Младеновски-Профил на Grant Hill (ВИДЕО)

518

Една од најинтересните NBA приказни. Кариерата на Grant Hill. Еден од оние играчи за кој се сметаше дека има талент и потенцијал рамно на најголемиот, Michael Jordan. Има две фази во неговата богата кошаркарска кариера. Пред и после повредите. Без никаква дилема, и во двете верзии тој не само што играше на високо ниво, туку подеднакво беше ефективен (на различен начин). Повредите го натераа да ја промени својата игра. Ако претходно атлетицизмот беше главна карактеристика, потоа Hill стана одличен шутер од дистанца и подеднакво одличен дефанзивец. Следи краток на професионалниот пат на еден од најдобрите играчи од 90-тите.

Избран како трети пик на драфтот 1994 година, Hill прикажа изненадувачки зрела игра за своите години. Уште во првата сезона по само 39 изиграни натпревари беше избран за All-Star стартер а во наредните години беше рамо до рамо во гласањето со Michael Jordan. Неговата all-around игра беше видлива, и од година во година беше се подобар. Од 1994 до 2000 година Grant Hill имаше просек од 22 поени, 8 скокови и над 6 асистенции по натпревар. Воедно, тој беше единствениот кој тоа можеше да го направи во таа доба на кошарката. Често играше и повреден, а шокантно делува и податокот што неговите проблеми со повредите започнаа во playoff-от 2000-та година. Тогаш тимските доктори на Detroit Pistons и покрај ренген снимките, не го информирале дека одреден период игра со скршеница на стапалото. Токму оваа “грешка” на лекарскиот тим ке му претставува долгогодишен кошмар.

Во летото 2000 година беше трампан во Orlando Magic каде играше во тандем со една од најголемите млади ѕвезди во моментот, Tracy McGrady. Во првата сезона во дресот на “магичните” настапи на само 4 натпревари. Во наредните 2 години, Hill се појави на само 44 натпревари од вкупно 178. Константните операции го доведоа и во животна опасност, кога во 2003-та година доби инфекција на штотуку оперираниот скочен зглоб. Повторно отиде под нож, и одново следуваше долга рехабилитација. Ја пропушта цела сезона 2003/2004 година. И кога сите го отпишаа се случи чудо. Hill се врати следната сезона и играше како никогаш да не бил повреден. И покрај 5 операции кој ги имаше, налик делуваше како никогаш да не паузирал. Постигнуваше во просек преку 20 поени и повторно беше All-Star играч. За жал на крајот на сезоната 2005 повторно беше приморан да оди на хируршки зафат.

Во 2007-ма година потпишува за Phoenix Suns. Во Аризона има одлични 5 сезони, во кој “сонцата” беа кандидати за титулата. Секоја сезона беа во самиот врв на NBA лигата, а притоа, токму Grant Hill беше една од клучните алки во тимскиот нуклеус. Ја подобри играта во нападот, а на моменти делуваше како оној ‘стариот” (кога го несеше дресот на “пистонси”). Интересно е дека при крајот на кариерата стана еден од најдобрите дегфанзивци во лигата. Редовно беше задолжен да ги чува најдобрите играчи во противничкиот табор. Беше втор најдобар стрелец во својот тим, и често умееше да ги одигра сите натпревари во сезоната без никакви знаци на замор. Беше прекален ветеран, мотиватор, професионалец, и вистински лидер на својата “чета”. Кариерата ја завршува на 40 годишна возраст, во дресот на Los Angeles Clippers.

Денес Grant Hill е ко-сопственик на тимот на Atlanta Hawks како и подпретседател на бордот на сопственици на тимот од “градот на Coca Cola-та”. Работи и како кошаркарски аналитичар, коментатор на натпревари, и често организира ревијални средби во хуманитарни цели. Кариерата ја заврши како 7 кратен All-Star играч. Ја доби честа да биде стане член на халата на славните (Naismith Memorial Basketball Hall od Fame) во 2018 година. Како и за многу NBA величини, останува да лебди прашањето што ли се беше способен да направи Hill доколку во најубавите години на својата кариера не беше сериозно повреден? Се чини дека многубројните операции го уништија атлетскиот потенцијал кој го имаше. Но, неговата напорна работа и челична дисциплина го вратија на теренот. Од таму замина како еден од најголемите борци кој се појавиле на него. Grant Hill беше најдоброто ниско крило на 90-тите, со плејмејкерски способности, вонсериска визија и исклучителна дисциплина во играта. Профил на играч кој во денешно време, без никаква мака, (тврдам) би имал triple double просек. Една од најголемите мистерии во историјата на најдобрата кошаркарска лига. Еден од најомилените играчи кој се појавиле на теренот.

NBA FAN

Димитар Младеновски