Научниците снимиле морничави звуци: Под антарктичкиот лед се случуваат мистериозни работи, се слуша постојано зуење

441

Научниците на антарктичкото дно забележале морничави звуци, по што спровеле истражување со цел да дознаат зошто тие настануваат.

Во 2014 година истражувачите поставиле 34 сеизмички монитори во снегот на врвот од најголемата ледена покривка на Антарктикот – ледената плоча Рос, а инструментите забележале постојан звук на “зуење”.

Ледената плоча која може да се спореди со големината на Тексас, која плови над Јужниот Океан, отворила нов простор за истражување, а научниците пробале да објаснат зошто и како настануваат овие морничави звуци. Со оглед на тоа што звукот е нечуен за човечкото уво, научниците ги прилагодиле овие ниски фреквенции на фреквенциите кои луѓето можат да ги регистрираат.

Експертите ги објавиле овие сознанија во списанието “Geophysical Research Letters”, заедно со аудио фајл на кој можат да се слушнат звуците од антарктичкото дно.

“Кога би можеле да ги слушнеме овие вибрации, тие би звучеле како зуењето кое го произведуваат илјада штурци во природата”, изјавил Даглас Макајел, глациолог од универзитетот во Чикаго.

Првобитната цел на истражувањето се однесувало на следење на промените на површината на ледената плоча под притисок на релативно топлиот воздух над површината. Се смета дека вибрациите настануваат поради силните ветрови кои дуваат над плочата и токму тие влијаат на вибрирањето на ледот.