Мнозинството Грци со негативно мислење за Договорот од Преспа, за Заев и за Коѕијас

203

Негативно мислење за Договорот од Преспа, за македонскиот премиер Зоран Заев и за поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, имаат мнозинството Грци, според политичкиот барометар за месец ноември на грчката агенција за рејтинг „Public issue“ за темите поврзани со надворешната политика, јави дописничката на МИА од Атина.

– За договорот што беше потпишан меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, лично Вие, какво мислење имате? Би рекле дека сте сигурно за договорот, веројатно за, ниту за/ниту против, веројатно против, сигурно против (договорот)?, е прашањето што им било поставено на анкетираните.

·         65% одговориле дека се против (57% сигурно против, 8% веројатно против),
·         17% се за (9% сигурно за, 8% веројатно за),
·         13% ниту за/ниту против
·         5% се без мислење

Од агенцијата прават споредба на овие резултати со резултатите од јули годинава. Разликата е многу мала, тогаш, 21% имале позитивен став за Договорот од Преспа (4% повеќе од сега), а против договорот биле 64% (1% помалку од сега).

Во однос на тоа за кого гласале на минатите избори (септември 2015), од гласачите на СИРИЗА 45% се против, а 31% за Договорот од Преспа, додека пак од испитаниците кои гласале за Нова демократија, 86% се против договорот, а само 6% за.