Мистериозната несреќа на руската подморница: Дали функционер случајно ја откри тајната која ја крие Москва?

698

На семејствата на 14-те руски морнари кои загинаа откако изби пожар на нуклеарната подморница, им било кажано дека морнарите спречиле „планетарна катастрофа“ пред да го загубат својот живот.

Како што пренесуваат руските медиуми, еден висок воен функционер го дал овој коментар на погребот на екипажот на подморницата во Санкт Петербург, неколку дена после несреќата во Баренцовото море.

Инцидентот и натаму е доста таинствен со оглед на тоа што руската влада одбива да го открие името на подморницата, мисијата, како и бројката на преживеани морнари во инцидентот, тврдејќи дека тоа е државна тајна.

Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу изјави дека нуклеарниот реактор на подморницата е „оперативен“, откако екипажот ги превзел „неопходните мерки“ за да го заштити. Од Кремљ, покрај тоа, открија дека несреќата ја предизвикал пожар во одделението за акумулаторите на подморницата.

Заменикот на Шојгу, Андреј Картаполов изјави дека морнарите биле „херои“ затоа што успеале да го запечатат отворот и да спречат ширење на пожарот.

Инаку, додека им оддавал почит на загинатите, неименуван висок воен функционер од руската армија рекол дека морнарите спречиле многу поголема трагедија.

„Денес го испраќаме екипажот на истражвувачкиот апарат за длабоки води, кои загинаа додека вршеа борбени мисии во студените води на Баренцовото море. Четиринаесет мртви, четиринаесет животи. По цена на сопствените животи, ги спасиле животите на другите, ја спасиле подморницата, не дозволиле планетарна катастрофа“, изјавил тој.

Неговиот коментар укажува дека мисијата на подморницата не била баш таква каква што Кремљ и натаму тврди дека била – научни истражувања на морското дно. Инаку, станува збор најверојатно за тајната подморница од типот „Лошарик“.