Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денес ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид.
Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија во Охрид е во износ од 45- 50 милиони евра и најмалку 250 нови работни места до 2028.
Со тоа, вкупната инвестиција на КОСТАЛ во Македонија ќе надмине 150 милиони евра со околу 1300 работни места. Веќе се реализирани дел од новите вработувања и е донесена дел од потребната опрема за производство.
Проектот е насочен кон вложување во најсофистицирана опрема во сегментот „енергетска електроника” за автомобилска електроника наменета за најновите модели на електрични и плуг-ин хибридни возила на групацијата „Фолксваген“, како и за напредни мехатронски системи за Мерцедес.
КОСТАЛ во 2023 беше 9ти најголем извозник од Македонија. Компанијата работи веќе 8 години на македонскиот пазар и бележи континуиран развој и раст. Клиентите на КОСТАЛ Македонија се „Фолксваген“ Групација (Фолксваген, Ауди, Порше, Шкода, Сеат), Мерцедес, БМВ, Јагуар, Ланд Ровер.