Премиерот Христијан Мицкоски денес оддаде почит на жртвите на Холокаустот, потсетувајќи на депортирањето на македонските Евреи во март 1943 година, кое остана една од најболните страници во историјата на Македонија.
„Во март 1943 година, повеќе од седум илјади наши сограѓани – Евреи од Скопје, Битола и Штип – беа насилно собрани од своите домови, од своите семејства, и депортирани во логорот на смртта Треблинка, каде што нивните животи беа сурово прекинати“, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека зад секоја бројка стојат имиња, семејства и судбини, и дека со нивното исчезнување, македонското општество изгубило дел од својата душа.
„Денес не се сеќаваме само на трагедијата. Се сеќаваме и на обврската – никогаш да не дозволиме омразата, антисемитизмот и нетолеранцијата повторно да најдат место во нашите општества“, истакна Мицкоски, додавајќи дека злото почнува со збор, предрасуда или рамнодушност, а завршува со трагедии што го потресуваат човештвото.
Тој посочи дека македонската држава и општество ја обновуваат својата заклетва да ја чуваат вистината, да го негуваат сеќавањето и да ја бранат човечката достоинственост. „Еврeјската заедница оставила неизбришлива трага во културата, образованието, стопанството и општествениот живот на земјата“, рече премиерот.
„Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата – историска одговорност. Нека споменот на депортираните македонски Евреи биде вечен, а нивната трагедија – опомена за идните генерации. Вечна им слава и вечен спомен“, порача Мицкоски.












![[ВИДЕО/ФОТО] Нови спектакуларни снимки од Месечината и Млечниот Пат](https://www.mkvesti.mk/wp-content/uploads/2026/04/Qmeo5-screenshot-4-218x150.png)





















