Макрон убиениот наставник го нарече „тивок херој“: Убиен е затоа што исламистите ја сакаат нашата иднина

466

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера му оддаде почит на наставникот по историја кој во париско предградие беше обезглавен од исламист, нарекувајќи го „тивок херој“ кој бил посветен на всадувањето на вредностите на Републиката кај неговите ученици.

Убиецот на Самуел Пати е тинејџер – мигрант од Чеченија кој сакал да се одмазди затоа што професорот на час по слобода на говор на 13-годишните ученици им покажал карикатура од пророкот Мухамед.

Комеморацијата на Пати се пренесуваше на француските телевизии, а ја водеше Макрон. Ковчегот со телото на Пати беше донесен во дворот на познатиот париски универзитет Сорбона, а на него беше ставен орденот „Легија на честа“ – највисокото одликување во Франција кое Пати го доби постхумно.

„Убиен е точно затоа што ја претставуваше Републиката. Убиен е затоа што исламистите ја сакаат нашата иднина. Тие знаат дека нема да ја добијат со тивки херои како него“, порача Емануел Макрон.

Тинејџерот Абдулах Анзоров во петокот го обезглави Пати со голем нож во париско предградие сред бел ден, а потоа беше убиен од француската полиција. Француските власти ваквото брутално убиство го нарекоа „напад на француските вредности“.

Макрон порача дека Пати станал „лицето на Републиката“ и желбата Франција да биде „заедница на слободните граѓани во своја држава“.