По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во тврдината Брегансон, францускиот претседател Емануел Макрон, истакна дека иднината на Русија е врзана за Европа.
„Уверен сум дека иднината на Русија во целост е врзана за Европа. Веруваме во Европа која е раширена од Лисабон до Владивосток“, наведе Макрон на Твитер.
Тој додаде дека со Путин разговарале за шумските пожари во Сибир и топењето на пермафростот во тој регион.
Руските медиуми додаваат дека лидерите на двете земји изразиле посветеност за воспоставување долгорочна стабилност во Либија и враќање на редот во земјата.
Околу ситуацијата во Сирија, Макрон укажал на неопходноста од итен прекин на огнот во провинцијата Идлиб, во согласност со спогодбата постигната на состанокот во Сочи, на 17 септември 2018 година.
Средбата на двајцата претседатели, што се оддржа синоќа, траеше повеќе од 2,5 часа, соопшти прес службата на рускиот претседател.