Македонски телеком со раст од 5,1 отсто на нето добивката во првиот квартал годинава

264

Нето добивката на телекомуникациската компанија Македонски телеком во првиот квартал годинава бележи раст од 5,1 отсто. Приходите од продажба  се зголемени за 0,7 отсто и изнесуваат 2.519 милиони денари, а оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) на крајот од првите три месеци од годинава е намалена за 0,8 отсто во споредба со претходната година, соопшти денеска Македонски телеком.

Во првите три месеци од годинава компанијата го зголемила и уделот на претплатници на мобилна телефонија за 1,2 отсто и нивниот вкупен број изнесува 1.188.000, додека 49,6 отсто е уделот на пазарот на мобилната телефонија, според интерна проценка. Приходите од мобилни неговорни услуги на крајот на првиот квартал од оваа година се зголемени за 10,8 отсто во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен интернет и поголем GPRS сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

Од МТ информираат дека бележат зголемување за 2,8 отсто на приходите од малопродажен интернет. На крајот на првиот квартал имаат пораст на корисниците на широкопојасен интернет за 5,2 отсто, а нивниот вкупен број изнесува 197,5 илјади. Приходите од дигиталната телевизија пак, се зголемени за 14,4 отсто. Регистрираат и пораст од 9,4 отсто на IPTV корисниците  и за 8,3 отсто на семејствата покриени со оптика спредено со истиот период од минатата година.

– Позитивен тренд е присутен во повеќе сегменти од нашето работење. Имаме зголемување на бројот на претплатници на широкопојасен интернет, на IPTV корисниците, континиурано ја шириме и оптичката мрежа со што обезбедуваме пристап до врвна технологија и супер брз интернет. Во наредниот период ќе се фокусираме на конвергентните услуги и ќе настојуваме оптичката мрежа да стане достапна за поголем број на граѓани на државата. Остануваме посветени на подобрување на инфраструктурата како основа за развој на новите технологии и услуги, наведеува во пишана изјаваи главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев.