Криминалот им е во крвта: Синовите на некогашните лидери на белградското подземје продолжиле по стапките на суровите татковци, некои според бруталноста и ги надминале

355

Синовите не некогашните лидери на белградските кланови и главни луѓе на “подземјето” се почесто одлучуваат да тргнат по стапките на своите, по лошо познати татковци, па од време на време се појавуваат на страните за црна хроника во српските весници. Некои од нив, иако само што прераснале во момчиња, зад себе веќе имаат дебело досие полно со кривични пријави и сериозни криминални дела.

На социјалните мрежи се фалат со луксузен живот, скапи автомобили, излегувања, оружје и дрога, а сите биле апсени поради разни кривични дела: од насилничко однесување, преку трговија со дрога, па се до убиства.

Најсвеж пример дека “крушата под круша паѓа” е апсењето на 20-годишниот Вукашин Шијан, најмладиот син на убиениот лидер на “Сурчинците”, Зоран Шијан. Шијан бил лидер на најдобро организираниот криминален клан во Србија, а неговите машки наследници, по се судејќи, тргнале по неговите стапки.

Наследниците на Шијан

Најмладиот син на Шијан пред два дена бил уапсен во Нов Белград, бидејќи со двајца пријатели претепал момчиња пред еден фаст-фуд ресторани поради место во редот, а потоа на својот пријател му велел да пука во полицаецот и неговиот пријател, кои се обиделе да ги спречат во дивеењето. Пријателот на Шијан го послушал својот пријател па пукал во мажот и го ранил во рака. Поради тоа најмладиот син на Шијан сега го товарат за поттикнување на обид за убиство, како и за насилно однесување.

И постариот брат на Зоран Шијан, кој го добил од бракот со пејачката Гоца Божиновски, Мирко Шијан, често се наоѓал на страните на српските медиуми поради животот што го водел и бројните кривични дела. Тој пред неколку години бил осомничен дека со нож повредил момче на Копаоник, а во 2015-та година бил протеран од Црна Гора поради насилничко однесување. Исто така, има забележано уште неколку проблеми, а возел и автомобил во кој била пронајдена дрога. Еднаш дури и удрил во возило на интервентната полиција и тогаш неговата мајка тврдела дека таа била зад воланот.

Синот на Стаклениот станал посуров и од својот татко

Синот на Љубомир Јовановиќ, некогаш сериозен криминалец од Сурчин, близок пријател на Љубиша Буха Чума и заштитен сведок, е осомничен дека само неколку дена пред да ја рани сопругата и да изврши самоубиство, брутално мачел и убил три лица.

Злосторствата на помладиот Јовановиќ, 25-годишниот Драгослав, ја шокирале цела Србија кога пред неколку дена бил откриен списокот од неговите страшни злосторства.

Имено, Јовановиќ на 10-ти јуни насред улица во блокот 45 ја застрелал сопругата, која го оставила поради насилство во семејството, и тешко ја ранил пред нивниот 11-месечен син. Потоа заминал во бегство, а кога видел дека го брка полицаец, си пукал во глава. Дури тогаш клопчето од страшни злосторства на наследникот на Стаклениот почнало да се одмотува, а синот на полицијата го предал токму неговиот татко.

Имено, Стаклениот слушнал дека неговиот син неколку дена пред да се убие, во неговата перална го донел својот автомобил во кој имало бројни траги од крв. Работничката во пералната му раскажала на Стаклениот дека Драгослав и рекол да го “чува јазикот зад заби” и на никој да не кажува што видела. Од тогаш се посомневал дека неговиот син има врска со исчезнувањето на неговиот пријател и деловен соработник Неџо Шубара, неговата мајка и тетка. Полицијата почнала да ги испрашува пријателите на починатото момче, а еден од нив набрзо признал се. Тој им раскажал на полицајците дека четворица од нив на 6-ти јуни влегле во куќата на Шубара, го врзале и го тепале, а тогаш го натерале да гледа како 24 часа се изживуваат над неговите мајка и тетка. Несреќните жени набрзо ги задавиле, а потоа Јовановиќ го убил Шубара со пиштол. Нивните тела ги пренеле на плацот на Јовановиќ во Сурчин и ги фрлиле во септичка јама.

И другиот син на Јовановиќ, Гвозден, во 2016-та година бил приведен со својот татко откако кај нив бил пронајден пиштол и значка од полиција.

Синот на Кристијан Голубовиќ

Синот на Кристијан Голубовиќ, Лазар Џукиќ, кој од јавноста се криел две децении, на впечатлив начин стапил на сцената. Неодамна во центарот на Белград нападнал момче со дрвена палка и му го скршил носот. Без никаква најава и причина тешко го повредил момчето. Повредениот тогаш изјавил дека му пришол одненадеж, го удрил со палката по лице и заминал во паркот.

Голубовиќ, еден од ретките преживеани “жестоки момчиња” од филмот “Видимо се у читуљи”, синот го признал по дури две децении, а се поради, како што вели, негова безбедност.

Наследникот на Цунер

27-годишниот Марко Гузијан, наречен Мали Цунер, помладиот син на Јован Гузијан Цунер, кој бил убиен од Земунскиот клан пред 15 години, кратко по излегувањето од затвор каде бил поради убиство, завршил во притвор, овој пат поради мачење на друго лице.

Досието го отворил со двојно убиство, а го дополнил со мачењето на момчето Златко Л. Постариот син на Гузијан бил осомничен за убиството на Драган Миладиновиќ Гагец, поранешен припадник на “Земунскиот клан”. Исто така бил апсен и поради напад на полицаец, но и како член на новиот Земунски клан.

И синот на убиениот лидер на “ѕвездарски клан” тргнал по стапките на својот татко

Синот на убиениот лидер на “ѕвездарскиот клан”, Средоје Шљуќиќ Шљуќе, е осомничен дека оваа година провалил во домот на една старица и ја ограбил.

24-годишниот Андрија Шљуќиќ наводно со соучесникот провалил во куќата на 80-годишната старица, ја мачел неа и нејзината ќерка и од куќата однел околу 30.000 денари.

Андрија воедно е и наградуван спортист кој ја претставувал Србија во веслање на ОИ во Рио. Тој претходно за медиумите истакнувал дека се гордее со својот татко, иако бил познат во белградското подземје.

Малиот Угар го надминал својот татко

Милан Угарковиќ, наречен Мали Угар, речиси ги надминал ликот и делото на својот татко, кој бил убиен во заседа во 1999-та година.

Првото убиство го извршил на 15 години, а под истрага е и поради двојно убиство на Кошутљак во 2002-ра година. При едно апсење, се обидел да скокне од 13-ти кат од зграда. Извршил повеќе разбојништва, напад на службени лица, нанесување на тешки телесни повреди, а на почетокот на оваа година полицијата деактивирала бомба под неговиот автомобил. Неговиот татко во 90-тите години важел за еден од првите луѓе на Земунскиот клан.

Лидер на подмладокот на “земунците”

Немања Бојовиќ, наречен Хемија, е означен како лидер на подмладокот на земунскиот клан, чиј член е и младиот Петар Гузијан. Осуден е на шест години затвор поради трговија со дрога, обид за убиство, рекетирање, разбојништва. По излегување од затвор повторно бил уапсен, и тоа во еден белградски локал, кога кај него биле најдени кокаин и спид. Неговиот татко Горан Бојовиќ бил ликвидиран во 1992-ра година како истакнат член на српското подземје.

Семејство израснато во криминал

Марко Зарубица, бил уапсен веднаш по грабеж на пошта, како дел од шесточлена криминална банда. Неговиот брат Бојан Зарубица бил осуден на 20 години затвор поради две силувања и разбојништво.

Татко им е Миливоје Зарубица, кој во 90-тите години важел за балкански крал на трговијата со луѓе.