Ковид-19: Во 24 часа хоспитализирани се 43 нови пациенти, вкупно на клиниките во Скопје има 433 заболени со компликации

75

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје хоспитализирани се 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно на инфективните оддели во Скопје се лекуваат 433 лица сомнителни и потврдени за ковид -19, соопшти Министерството за здравство.

Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 18 приеми, од кои седум пациенти биле примени на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид – центарот на Клиниката за Неврологија, еден на Клиниката за Дерматовенерологија, еден на ковид – одделението на Клиниката за Гастроентерохепатологија и шест пациенти се примени на Клиниката за нефрологија.

Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ во текот на 24 часа се примени 15 пациенти, а на Инфективната клиника десет лица.

На Кожната клиника во ковид – центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 38, на Институтот за ТБЦ има вкупно 50 пациенти со симтоми на коронавирусот, а на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица.

Во ГОБ „8 Септември“ има 79 хоспитализирани со ковид-19, на Клиниката за инфективни болести 163 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 39 пациенти, од кои 11 деца и 28 возрасни.

Од неделата, пациенти сомнителни и потврдени за ковид-19 се примаат и во ковид – центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени 14 пациенти и има уште 11 слободни кревети.

Од Министерството за здравство најавуваат дека во наредните неколку дена со работат ќе почне и ковид – центарот на Клиниката ОРЛ. Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.