Поранешниот телохранител на рускиот претседател Владимир Путин и командант на руската Национална гарда, Виктор Золотов го предизвика на дуел опозицискиот лидер Алексеј Навални и му порача дека од него ќе направи „добар, сочен бифтек“.
Золотов бизарната закана ја упати преку Јутјуб, негирајќи ги обвиинувањата на Навални за наводната корупција во Националната гарда.
„Никој ви нема дадено една воспитна каква што заслужувате, така силна што ќе ја почувствувате во црниот дроб. Едноставно те предизвикувам на двобој. Одбери го местото. Ветувам дека за неколку минути од тебе ќе направам добар, сочен бифтек“, изјави високиот руски функционер.
Тој призна дека постојат „недостатоци во поглед на корупцијата“, но ги отфрли тврдењата на Навални дека лично профитирал од сомнителните бизниси.
Обраќањето на Золотов отстапува од вообичаеното игнорирање на Кремљ на обвинувањата кои што доаѓаат од главниот руски опозиционер Алексеј Навални. Станува збор за невообичаена пракса на генералот, кој со години беше во обезбедувањето на Путин, но никогаш не бил политички активен.
Кремљ се дистанцираше од зборовите на Золотов, истакнувајќи дека истите не се поврзани со рускиот претседател, но истовремено не го прекорија рускиот генерал. Од друга страна, портпаролот на Путин, Димитриј Песков изјави дека во говорот на Золотов не видел никаква физичка закана.