Ќе го видат ли Сиријците крајот на војната? Ердоган најавува инвазија, Трамп се заканува, а Курдите најмногу страдаат!

60

И кога ќе добиеме впечаток дека ситуацијата конечно се смирува, дека сириските деца ќе можат да растат во мир и дека раселените ќе се вратат во своите домови, пристигнуваат закани за нови инвазии кои како да не им беа доволни на Сиријците веќе 9 години.

Приказната за сојузот на Американците и сириските Курди е приказна за едно големо предавство, но за жал Курдите веќе и се навикнаа на такво нешто, со оглед на тоа што гаранција за нивната безбедност на северозападот на Сирија до неодамна беше Русија, која исто така им го заврти грбот и попушти пред притисоците на Ердоган.

Русите воопшто не се двоумеа, кога дојде време да изберат помеѓу Турција и Курдите, тие веднаш ја избраа Турција, а Американците се двоумат веќе неколку месеци затоа што Турција им е сојузник во НАТО, но курдските “YPG” борци им беа сојузници во борбите против Исламската држава.

Ердоган не ги криеше своите амбиции – да ги протера Курдите од своите домови во една странска земја, а со намера Американците да го одвратат од агресијата, беше постигнат договор за формирање на таканаречени безбедносни зони кои иако се тврди дека се за нешто сосема друго, реалноста е дека имаат за цел да ги протераат курдските борци кои го бранеа населението во регионот од џихадистите на Исламската држава.

Ердоган не се откажува

Сепак, Ердоган сега оди чекор подалеку – тврди дека Американците не прават доволно за воспоставувањето на тие безбедносни зони и најавува инвазија источно од Еуфрат. Во меѓувреме, Трамп донесе наредба за повлекување на американската армија од регионот, со што практично им даде одврзани раце на Турците за инвазија на северот на Сирија.

Сега, кога Ердоган најави напад на Курдите, Трамп беше приморан да се огласи на Твитер и да се закани дека доколку Турција „ја премине границата на хуманоста“, тотално ќе ја уништи турската економија.

На Ердоган треба да му се признае дека не се откажува. Кога Сиријците го ослободија Алепо, тој се насочи кон Идлиб и дури успеа таму да ја испрати турската армија која што доби „благослов“ од Русија за да влезе во Сирија – најголемиот руски сојузник во регионот.

Тогаш Русите ги затворија очите, а сега иако се заканува, токму истото го прави и Трамп. Со ова Ердоган успеа да балансира помеѓу Вашингтон и Москва, а притоа да одработи за „интересите“ на Турција. Колку ќе биде толериран од САД и Русија, останува да видиме, иако историјата на ривалството помеѓу двете најголеми сили ни кажува дека тешко дека ќе дојде до договор помеѓу Вашингтон и Москва за заедничко спротиставување.

После одлуката на Трамп да ги остави Курдите на цедило, веднаш во САД следуваа жестоки реакции кои доаѓаа од редовите на Демократите, но и од редовите на „неговите“ Републиканци. Хилари Клинтон порача дека Трамп застанал на страната на авторитарните лидери Путин и Ердоган, наместо на страната на курдските лојални сојузници.

Дали е Трамп на страната на „авторитарните лидери“? Сигурно дека не е, туку сака да ги оствари своите предизборни ветувања за повлекување на војниците. Но, тоа дефинитивно значи слабеење на позицијата на САД на Блискиот исток, нешто што американската политичка елита не може да го дозволи.

Курдите страдаат најмногу

Алијансата на Курдите и САД може да се каже дека ја одржуваше ситуацијата на северот на Сирија мирна, а распадот на тоа е рецепт за тотален хаос.

Што можат да направат Курдите? Сега им останува само да видат каква ќе биде понудата на властите во Дамаск или да почекаат и да видат дали Ердоган ќе се исплаши од заканата на Трамп и нема да реагира жестоко. Лидерите на курдските борци порачаа дека ќе го бранат регионот, односно своите домови во Сирија по секоја цена, но тешко дека ќе можат да издржат без поддршка на некој влијателен фактор.

Не е тешко да се разбере положбата на Курдите. Нивната положба од стартот на граѓанската војна е крајно лоша, во најмала рака ужасна. Курдското население беше тероризирано од страна на џихадистите на Исламската држава кои правеа разни ѕверства врз цивилното население.

Токму поради тоа, Курдите ги формираа своите единици, затоа што практично немаше кој да ги одбрани од џихадистите. Сега, кратко после крахот на Исламската држава, наместо да живеат во мир, пристигнува нова закана – Турција сака да ги протера од нивните домови и за жал нема кој да ги одбрани.

Дали сега Американците ќе им кажат „преселете се малку појужно и оставете го Ердоган кога не можете против него“, останува да почекаме и да видиме. Всушност, тоа сценарио е најверојатно.

loading...