Кина планира да гради суперпруга под вода до Америка?: Проект кој би изнесувал неверојатни 200 милијарди долари

93

Кина ја има една од најразвиените брзи железници на светот и не планира тука да застане.

Наводно, Пекинг сака да изгради многу брза железничка пруга долга 13.000 километри, која би ја поврзувала оваа земја со САД, а цената на проектот изнесува околу 200 милијарди долари. Железничката пруга би поминувала низ Сибир, потоа под морето низ Беринговиот мореуз, па преку Алјаска, канадските територии Јукон и Британска Колумбија се до главниот копнен дел на САД.

Кога би се воспоставила таа врска, Кина би можела да продолжи со изградба на супербрза железница до секој дел од Америка.

Првите такви планови се појавиле уште во 2014 година кога локалните медиуми известувале дека Кина планира да изгради супержелезница од 13.000 километри. Во тоа време кинеските инженери тврдеа дека веќе преговараат со руските колеги за почеток на изградба, уверени дека тоа е можно со постоечката технологија.

Кина веќе ги направи првите чекори кои покажуваат дека нивниот план и не е толку незамислив, наведува порталот „IFL Science“.

Уште во 2018 година Кина ја одобри изградбата на првата светска супербрза железница која ќе го поврзува Шангај со архипелагот кој се наоѓа на 77 километри од брегот на копнена Кина. Таа нова рута ќе има и подводен дел од 16,1 километри, а на трасата ќе сообраќа воз кој ќе се движи над пругата, левитирајќи со помош на магнети кои воедно ќе ја туркаат конструкцијата напред со голема брзина (Маглев воз).

Изградбата на ваквиот проект е веќе во поодмината фаза.

Меѓутоа, некои критичари го опишуваат проектот на брза и долга пруга како економски застарен, наведувајќи ги товарните бродови и воздушниот транспорт како поевтина опција, а со тоа сметаат дека идејата за супержелезница до САД е премногу комплицирана.