Притвореникот Јане Ченто во писмо до управата на Истражниот затвор во Шуто Оризари признава дека погрешил и дека е виновен за инцидентот на 18 јануари годинава, кога при вонреден претрес на неговата келија предизвика тепачка откако му беше пронајден мобилен телефон што одбивал да го предаде.
Во писмото до директорот и вработените во затворот, притвореникот Ченто наведува дека тој лично ја прифаќа одговорноста за постпката која е резултат на негово погрешно однесување, и го нуди своето извинување за предизвиканиот инцидент и бара да му биде простено за грешката, информираат од Управата на Истражниот затвор во Шуто Оризари.
Притвореникот Ченто во писмото, исто така, упатува и барање да биде вратен во собата во која бил пред настанот со кој го наруши редот во затворот.
Од управата на затворот информираат дека ќе биде разгледано неговото барање и наскоро ќе го извести притвореникот за одлуката.Јане Ченто е еден од обвинетите, кои се наоѓаат во притвор, за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година.