Инспекторатот за животна средина најавува контрола на БЕГ по набавката на големо количество мазут

542

Ана Петровска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, најавува посета на БЕГ по резервираните поголеми количини на мазут, како можна замена за гасот.

Инспекторатот за три недели направил 68 редовни надзори и 25 вонредни контроли и издал 12 решенија за корекции на индустриските капацитети, а Петровска информира дека меѓу другите капацитети, посетени биле „Дрисла“, „Макстил“, „Пејпер мил“, МЕПСО, и „Фени“.

Од таму најавуваат и координација во заедничката работа со Државниот пазарен инспекторат за проверка на квалитетот на горивата кои се користат во земјава, а од кои многу зависат и емисиите во воздухот.

„Во Дрисла, по дојавата дека не работи филтерот констатиравме дека претпријатието во однос на условите во кои работи, ја одржува опремата и се грижи за контрола на емисиите. Во Пејпер мил, пак, беше откриено дека мерењата биле вршени од неакредитирана лабораторија, заради што беше извршено вонредно мерење. Во зависност од резултатот ќе определиме какви мерки ќе се преземат. Во МЕПСО беше откриено дека несоодветно се управува со отпадни материи, поточно отпадно масло. Нема да дозволиме загадувачите да загадуваат, ќе се прават вонредни контроли, а примероците ќе се испитуваат во акредитирани лаборатории да сме сигурни дека нема да се труеме“, информира Петровска.

Директорката најави дека доколку инсталациите не постапат по препораките, ќе следуваат казни и потврди дека контроли биле направени и на Шар Планина на локациите на малите хидроцентрали.

Надзорот утврдил дека на највисоката, каде се и најнапредни градежните работи, има потенцијална можност за загадување на каптажата за снабдување со чиста вода за Тетово, а направена е и контрола и кај концесионерот за експлоатација за речен песок во Коњари, каде е утврдено дека концесијата издадена од Министерството за економија има пропусти.