Гордана Димитриеска – Кочоска: 40% од потрошувачките кредити ги имаат земено домаќинства, кои имаат приходи под просечната плата во Македонија

1812

Прес конференција на дополнителниот заменик министер во министерството за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска

ММФ во извештајот за Македонија констатира дека кредитирањето во секторот домаќинства континуирано расте и заклучно со 2018 е на ниво од 25% од БДП. Ранливост која е идентификувана во врска со кредитирањето на секторот домаќинства е фактот дека 40% од потрошувачките кредити ги имаат земено домаќинства, кои имаат приходи под просечната плата во Македонија.

Ова претставува ризик во однос на можностите за сервисирање на овие долгови во случај на економски шокови и ги изложува овие домаќинства на ризик од сиромаштија и „должничко ропство“.

ДОЛЖНИЧКО РОПСТВО – еве до каде ги доведовте граѓаните, со сите ваши лоши политики и корупции.

Согласно кварталниот извештај (30.9.2019) за ризиците во банкарскиот систем кредитите на секторот домаќинства продолжуваат да растат и на квартална и на годишна основа, додека пак корпоративните кредити се намалуваат. Ова покажува дека целокупната економска активност во општеството забавува. Сериозно се забележува кај корпоративното кредитирање каде што имаме намалување на кредитирањето од 3,2% во третото тромесечие од 2019 година во споредба со второто тромесечие. Забавувањето на економската активност, негативно ќе придонесе во реализацијата на проектираниот раст за 2020 година.

Дополнително, на ова треба да се надоврзе зголемувањето на долгорочните кредити за сметка на намалените краткорочни кредити, во услови на намалување на инвестициите во основните средства. Ова укажува на фактот дека компаниите се борат со проблеми со ликвидноста, поточно во стопанството нема пари.

Што повеќе треба да се додаде после вакви фрапантни податоци во македонската економија? По овој извештај на ММФ,  ни доаѓа како заклучок она што цело време го потенцирам и говорам, дека граѓаните се повеќе осиромашуваат, па се приморани да земаат кредити за да преживеат, додека компаниите се помалку земаат кредити од банките, поради лошата состојба во економијата, односно мислат дека ризикот е преголем за да инвестираат.

Граѓаните ги доведовте на питачки стап. Тие заслужуваат подобар квалитет на живот. Приоритет на новата Влада, после 12-ти април, ќе биде токму промена на овие штетни политики, со цел подигнување на животниот стандард на граѓаните.