Економските аналитичари очекуваат пораст на инфлацијата

57

Економските аналитичари очекуваат зголемување на инфлацијата и незначителни промени на бруто домашниот производ оваа и следната година, покажува новата анкета на Народната банка спроведена во декември.

„Економските аналитичари ги објаснуваат ваквите движења кај инфлацијата и БДП главно со ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 и од мерките за справување со неа. Во однос на инфлацијата, малку се повисоки очекувањата за 2021 и 2022 година, при што испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 1,5 отсто во 2021 (1,3 отсто во претходната анкета) и 1,8 отсто во 2022 година (1,6 отсто во претходната анкета)“, соопшти Народната банка.

Испитаниците сметаат дека за повисока стапка на инфлација главно би придонесле следниве фактори: досегашните остварувања на стапката на инфлација, неизвесноста предизвикана од пандемијата на ковид-19 и преземените досегашни, но и можни нови рестриктивни мерки за справување со неа коишто би можеле да предизвикаат повторни ограничувања во синџирите на производство и снабдување, а со тоа и повисоки цени на храната, енергијата и на увезените добра.

„Според анкетните испитаници, постепеното надминување на кризата и закрепнувањето на потрошувачката, поддржано и од економските мерки, би придонесле за повисока инфлација во наредниот период. Од друга страна, евентуалното продолжување на кризата и побавното закрепнување на глобалната економија, а со тоа и помалата побарувачка за примарни производи, би довеле до пониски увозни цени и би можеле да предизвикаат остварување пониска стапка на инфлација“, велат од Народната банка.

Во поглед на економската активност, во оваа анкета не се забележуваат некои поголеми промени во очекувањата на аналитичарите во споредба со претходната анкета.

„За следните две години се очекува постепено стабилизирање, при малку повисока стапка на раст од 3 отсто за 2021 година и раст од 3,3 отсто за 2022 година. Испитаниците ги посочуваат следниве фактори коишто влијаат врз нивните очекувања: неизвесноста и негативните ефекти од ковид-19, неизвесноста околу побарувачката за нашите извозни производи и влијанието врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка пред сѐ како резултат на поголема воздржаност на домаќинствата од потрошувачка во услови на намален доход и приватни трансфери од странство, воздржаноста на странските и домашните инвеститори, пониската кредитна активност, како и висината на јавниот долг којшто би се одразил негативно врз капиталните инвестиции“, укажуваат од Народната банка.

Од друга страна, аналитичарите истакнуваат дека одобрувањето на вакцината, како и побрзото справување со ковид-19 во глобални рамки, преземените монетарни и фискални мерки, прогресот во евроатлантските интеграции, како и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата (како кај потрошувачите, така и кај деловните субјекти) и зголеменото остварување на капиталните проекти може да имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период и да придонесат за посткризно забрзување на растот на економијата.