Ех море Панки – кај ти се сега другарите шо се сликаа со тебе и што станаа познати преку тебе

1568

Ми текнува пред скоро триесет години, едно од најпопуларните места за искачање беше барот ,,Пијано”, кај познатата газдарица Бети – Пијано. Сашко Каимовски Панки, таму работеше како конобар и многу често, во подоцнежните часови од ноќта знаеше да го земе микрофонот и да запее. Така и започна неговата кариера.

Цел живот работам по кафаниве низ Скопје како шанкер или конобар и со Панки сум имал илјадници средби. Немам некое особено високо мислење за него како човек, но дечкото е пејачиште. Тој беше еден од првите, ако не и прв, кој ги смисли клупските свирки во Скопје, кои и денешен ден се популарни во цела држава.

Сум се изнаслушал и изнагледал еден куп работи поврзани со Панки, но не ми е тоа поентата, да прераскажувам трачеви, туку нешто друго.

Отсекогаш ми биле одвратни, некои типчиња анонимуси, кои им влегувале под кожа на повеќе познатите и така се пробивале во градот. Неретко знаеле да служат за потсмев, да бидат третирани како слуги, но тоа ним не им пречело во обидот да стекнат име во ,,градот”.

Такви полжавчиња имаше многу околу Панки. Од излегувањето на социјалните мрежи наваму, Панки ги красеше профилните на многу такви пијавици.

Познато е дека Сашко Каимовски Панки, скоро цела година е во притвор во Грција, за некое дело од многу одамна за кое се терети во Германија мислам. Знаеме исто така дека по несреќниот случај со неговата сопруга, Панки остана самохран татко на две деца.

Е сега, би сакал да ги прашам сите тие, кои ќе го прочитаат текстов, што направија за човекот со кого се сликаа и ги китеа своите профили, кои не миеја раце по десет дена кога ќе се поздравеа со Панки.

Не сум видел ниту една иницијатива од познатите скоспки ,,шмекери” да му се помогне на човекот во неволја. Дали имаат собрано некој денар и однесено кај неговата фамилија. И ова не важи само за ,,морнарчињата” кои се мотале околу капетанот, туку и за газдите на локалите кои имаат направено еден куп пари преку свирките на Панки.

Доколку грешам и доколку имало некакви иницијативи и му се помогнало на човекот, однапред се извинувам, но јас такво нешто не сум видел, нити чул.