Џонсон помина уште една ноќ на интензивна нега: Неговата состојба е стабилна, не е приклучен на респиратор

524

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон кој е заразен со коронавирусот ја помина втората ноќ на интензивна нега и неговата состојба е стабилна откако добил терапија со кислород.

Како што пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“, 55-годишниот премиер не е приклучен на респиратор.

„Премиерот е во стабилна состојба и има позитивен дух“, изјави британскиот министер за здравство, Едвард Аргар.

Шефот на британската дипломатија, Доминик Раб кој во случај на потреба ќе го заменува премиерот, изјави дека верува дека Борис Џонсон за брзо време ќе се врати на чело на државата, додека Велика Британија и целиот свет се соочуваат со најголемата здравствена криза во овој век.

Џонсон кој беше тестиран позитивно на коронавирусот пред две седмици, во неделата беше хоспитализиран во болницата „Свети Томас“ откако имал покачена температура и изразена кашлица.

Неговата здравствена состојба се влошила во понеделникот, по што била донесена одлука да биде пренесен на интензивна нега. И додека Џонсон се бори со коронавирусот, неговата земја веќе влегува во фазата од борбата со Ковид-19 која експертите ја нарекуваат „најсмртоносна“.

Да потсетиме, со коронавирусот беше заразен и принцот Чарлс кој после седум дена се опоравил и бил негативен на тестирањата.