Добрите луѓе не се глупави, баш напротив

71
Woman with eyes closed sitting in meadow.

Секогаш се нервирам кога ќе чујам како за некого велат: „Глуп е тој, кој како сака го „вози“ или „Будалетинка, на секоја будала ѝ верува.“

Зошто сме такво општество? Зошто за добрите луѓе кои одлучуваат да си ја отворат својата душа и да им веруваат на другите велиме дека се „глупави“, „будалетинки“ и слични други зборови, кои не би ни сакала да ги повторувам сега?

Како е возможно луѓето да се полни со презир и подбив кон луѓе кои се добри, кои помагаат и кои не очекуваат ништо за возврат и кои одлучиле дека ќе имаат верба во луѓето и човештвото?

Станавме општество во кое е многу „кул“ да не се грижиш за другите, да гледаш само за себе, макар и да газиш по другите. Општество кое им се воодушевува на криминалци, бандити, безработници и џаболебари, и тие се сметаат за некаков морален центар, главни во градот, луѓе од кои зависи што ќе биде во тренд во тој период. И тие за ова вопштество се супер и сите сакаат да се дружат со нив и да седат со нив на маса, и заедно со нив да озборуваат и да исмеваат луѓе кои едноставно се добри. Луѓе кои си ја гледаат својата работа, кои живеат чесно и отворено, кои немаат желба да бидат ниту во тренд, ниту да се дружат со џаболебари, не бараат ништо, освен да живеат на мир.

Што е толку тажно во овој свет кога овие луѓе се мета на исмевање и навреди? Колку ли сме оштетени како човечки род кога ни пречат добри луѓе, а ги воздигнуваме лошите, непродуктивните, оние кои прават само штета.

Не знам како и во кој момент сето ова се испреврти, ама мене ми е преку глава да гледам како се исмеваат луѓе со чисто срце. Не, добрите луѓе не се глупави. Добрите луѓе имаат 100 пати повеќе памет од џаболебарите и бандитите кои се идоли во општеството. Ама очигледно како општество и дефиницијата за „паметен“ е поместена. За некои луѓе да бидеш паметен значи да лажеш, мамиш, да се извлекуваш од секоја одговорност и обврска, да ги извисуваш луѓето. И во таква дефиниција, секако дека добрите и чесните излегуваат глупави.

Не, напротив. Добрите луѓе се паметни и нивното срце е чисто. И тоа е она што би требало да биде важно во овој свет, кој очигледно е превртен наопаку.

Преку глава ми е од сето ова и само сакам да видам ден кога добрите луѓе повторно ќе се ценат и почитуваат и кога вредностите ќе се вратат во нивното тежиште наместо да бидат испревртени како денес.

А ние како општество мораме да пораснеме и да созрееме и да сфатиме дека нема ништо глупаво да бидеш добар и ништо паметно во тоа да бидеш измамник и лажго!