Десетици граѓани затруени во скопска сендвичарница

328

„Има ли уште некој затруен од Гранд бургер? Луѓе да споделам јас и сопругот се затрувме, а на токсикологија имаше уште десетина во иста вечер затруени од истата сендвичарица во Скопје“.

Ова се дел од објавите на социјалните мрежи – граѓани се жалат дека откако јаделе сендвичи од Гранд бургер на Рузвелтова добиле тешки симптоми, повраќање, дијареа – некои сведочат и дека се онесвестиле.

Според информациите труењата се случиле викендов, што ќе го отежни утврдувањето на причината за труењето во моментот кога Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе излезе на терен на проверка. Директорката на Инспекторатот Иринка Сотирова Бухова за Фактор вели дека и до неа стасале информации за труењето. Сепак Инспекторатот нема надлежност да постапува по жалби на фејсбук или по комуникација на маил.

„Јавната или приватната установа каде првично се упатиле на преглед лицата кои почувствувале симтоми треба да го известат Центарот за јавно здравје и тој потоа да не извести и ние да одиме на терен. Досега никој од Центарот за јавно здравје не известил за случувањето, воопшто најверојатно не стигнало ниту известувањето од здравствените установи кои се лекувале пациентите. Сепак ако се случи тоа во овие моменти ние веднаш ќе излеземе на терен, вели Бухова за Фактор.

Се обративме и во Клиниката на токсикологија каде според кажувањата на засегнатите во една вечер биле примени десетина затруени, но директорот Нагиб Зумбери не беше достапен.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека до нив стасале претставки за случајот и инспекциската служба на Агенцијата за храна и ветеринарство направила вонредна контрола во сендвичарницата во Скопје, која во претставката била посочена како објект од кој биле нарачани сендвичи со пилешко месо кои предизвикале труење кај три лица.

„Со контролата не се констатирани отстапки во поглед на хигиената во објектот, а од храната земени се мостри за лабораториско испитување. Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено официјално известување од здравствените институции за труење предизвикано од храна која потекнува од овој угостителски објект, велат од АХВ.

Во посебно соопштение ги предупредуваат граѓаните дека во текот на летото потребно е да се посебно внимателни со храната.

„За да се елиминира можноста од труење со храна неопходно е да се направи правилен избор, набавка и транспорт на продуктите. Храна да се купува од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Месо, млеко и јајца да се купуваат на крај на пазарењето, а овие производи да се внимава не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства каде температурите се многу високи, велат од АХВ.

Дел од здравствените работници апелираат граѓаните сега да бидат вонредно претпазливи. Велат дека ако се затрујат треба да ги лечат истите тие здравствени работници кои се во Ковид центрите, а тие се претрупани со работа.