Дали знаете каде била првата и единствена ски-скокалница во Македонија?

265

Дека почетоците на скијањето на Попова Шапка биле прилично ентузијастички и разновидни покажува и фактот што далечната 1947 година на Попова Шапка е изградена и ски-скокалница К30 прва и единствена во Македонија.

Скокалницата е отворена 1948 година на 10 февруари. Деловите за нејзината изградба се носени со коњи од околното село Јелак. Камената кула за ски-скокалницата е прилично голема со 4 ката чии остатоци можат да се видат и ден денес на просторот на ски лифтот “Мал Јелак”.

Ски-скокачите во тоа време немале некоја специјална опрема, користеле и скокале со дрвени скии па често се здобивале и со повреди.

Во тоа време скокањето било прилично популарно и многу луѓе доаѓале да се натпреваруваат. Во 1951 година е одржан Југословенски куп во Ски скокови. Рекордот на ски скокалницата го држат Александар Стојановски ЈУГ 1951 и Јанез Горишек ЈУГ 1951 двајцата со скок во должина од 31 метар.

Ски скокалницата била користена до крајот на 1951 година, за подоцна да биде разрушена заради тоа што никој не се грижел за нејзиното одржување и била премногу ризична за употреба. Локалните ентузијасти се обиделе да ја обноват но не добиле одобрение од властите заради тоа што скокалницата била близу изворите од кои се снабдувал со вода градот Тетово.