Д-р Беќаровски: Присуството на цивилни невработени лица во ковид-центрите е злодело

438

Неговата реакција следува откако се обелодени дека во ковид-центарот во Тетово, дел од болните пациенти биле со придружба од некој од нивните семејства. Ваквата состојба може да придонесе за поголемо ширење на коронавирусот, особено што луѓето кои доаѓале во болницата како придружба или посета не се знае каде потоа се движат

Континуираното присуство на цивилни невработени лица внатре во ковид-центрите е свесно загрозување на јавното здравје. За вакво злодело казната не може да биде само разрешување на надлежните во тетовската болница, вели д-р Нико Беќаровски.

Неговата реакција следува откако се обелодени дека во ковид-центарот во Тетово, дел од болните пациенти биле со придружба од некој од нивните семејства. Ваквата состојба може да придонесе за поголемо ширење на коронавирусот, особено што луѓето кои доаѓале во болницата како придружба или посета не се знае каде потоа се движат.

Ваквата состојба во ковид-центарот во Тетово се откри по страшниот пожар во кој изгоре модуларната болница и во кој загинаа 14 лица. Според информациите кои досега се изнесоа во јавноста, особено по сведовштвата на граѓани од Тетово се дека токму луѓето кои биле во придружба на своите болни роднини во ковид-центарот, биле меѓу првите кои евакуирале пациенти по избувнувањето на пожарот.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера повтори дека посетите во ковид-центрите и инфективните одделенија се забранети, но кажа дека тоа тешко се менаџира во болниците низ земјава.

„Посетите се забранети и ќе инсистирам на точна проверка што се случило, колку придружници имало и како бил организиран целиот тој процес“,

рече Филипче.

Во јавноста се шпекулираше дека посетите или придружбата на ковид-болните била дозволена, бидејќи немало доволно медицински персонал, но министерот вели дека има доволно кадар и тоа се обезбедува по принципот на ротација.

„Сега со вакцинацијата има некое укажување дека со сертификат за вакцинација членовите на семејствата може да ги посетуваат болните, но не и да ги чуваат. Посетите се традиционална глетка во нашите болници и од искуство знам дека тоа тешко може да се изменаџира и забрани. Од утре, ова ќе го истражува Државниот здравствен и санитаерен инспекторат (ДЗСИ)“,

рече Филипче.

На новинарско прашање, дали за ова прекршување ќе побара одговорност од директорот на тетовската болница, односно дали ќе го разреши од функцијата, Филипче не даде конкретен одговор, но рече дека по завршувањето со истрагата и инспекцијата од ДСЗИ, сите што треба ќе понесат одговорност.